Згасна првиот приватен весник во Македонија, „Дневник“
Countries Gray Latest Macedonia
0 623
Autor: Fairpress
Првиот приватен весник во независна Македонија, „Дневник“, од утре, (14.06.2017), веќе нема да се печати. Оваа одлуката денеска на вработените им ја соопштил Александар Динев, сопственикот на новата фирма „Медиа принт ДООЕЛ“ која го издава „Дневник“.

Вработените од утре добиваат одмор од 20 дена, по што ќе се знаат сите формалности за нивната судбина. Динев рекол дека причините за затворањето на фирмата, се немањето финансии и неодобрениот кредит за продолжување на фирмата.

Освен „Дневник“, се укинуваат и порталите „Вест“, „Утрински весник“ и „Телеграф“, а со оваа одлука на менаџментот околу стотина луѓе од компанијата „МПМ“ остануваат без работа.

„Дневник“ беше првиот приватен дневен весник и почна да излегува на 20 март 1996 година. Негови основачи беа новинарите Бранко Геровски, Александар Дамовски и Миле Јовановски.

Весниците „Вест“ и „Утрински весник“ престанаа да се печатат уште минатиот месец и со неколкумина вработени продолжија да функционираат како портали. Но, и тие веќе нема да постојат.

Новата фирма, Медиа Принт ДООЕЛ, беше отворена пред само 2 месеци, кога беше и распишан оглас за стотина вработувања на новинари, уредници и главни уредници, но десетици останаа без натамошен ангажман. Но, не помина долго време, фирмата оди во ликвидација, а вработените остануваат без работа.

Лошата финансиска ситуација во медиумите на МПМ трае веќе неколку години. На почетокот на оваа година, „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев излезе од сопствеништвото на фирмите кои се поврзуваат со весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа Модерна“ и порталот „Телеграф“. Новинарите, пак, пред неколку месеци излегоа на штрајк поради неисплатени плати, а сите измени во сопствеништвото и финансиските проблеми со кои се соочуваше фирмата, беа крајно нетранспарентни.

Кон крајот на април, по речиси две децении, престанаа да излегуваат и  дневните весници „Утрински весник“ и „Вест“.

Дека целта на  МПМ не е да ја реши кризата во компанијата, туку полека да ги згасне весниците,

преку постојано отпуштање на новинарите, изјавија од ЗНМ , уште на крајот на април, при згаснувањето на „Утрински весник“ и „Вест“, нагласувајќи дека ваквата одлука не е само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите.

Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните. Менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на копанијата е негов неуспех. Наместо да ги отстранат причините што ја преизведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите – изјавија тогаш од Здружението на новибарите на Македонија.

Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример, додадоа од ЗНМ, дека партискиот печат во Македонија нема иднина.

Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат нивната улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта – нагласија од ЗНМ.

Во овој период, и ССНМ, (Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија), ги повика институциите, пред сѐ Министерството за труд и социјална политика, но и правосудните и истражни органи, да се позанимаваат со случајот, во кој е очигледно  дека законските прописи се користат на начин на кој единствени губитници од лошото менаџирање ќе бидат оние што се ѝ најмалку одговорни – вработените.

Инаку, против поранешните сопственици Срѓан Керим и Јана Станисављева, Синдикатот на новинари и медиумски работници поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување со образложение дека го намалувале имотот на правното лице со незаконски дејства, а со цел да згаснат дневните и неделни списанија.

Comments

comments

WordPress Image Lightbox Plugin