„300“
Countries Gray Latest Macedonia
0 699
Autor: Fairpress
This is SpartaAAA, се развика спартанскиот крал Леонидас и со клоца го испрати гласникот на персискиот поробувач во бездната на кратерот зад него.

Токму тоа е потегот што, можеби, е чаре за новинарството генерално, за неговата мисија, да го добие назад достоинството и, конечно, смислата.

Традиционалното новинарство, такво какво што го познаваме од минатиот век и, особено, од изминатите 30-ина години, едноставно, треба да го погубиме.

Тоа го налага дегенеративноста со која некогашната „седма сила“ денес ги „управува“ општествата, но и начинот на кој денес се продуцира, патува и консумира информацијата.

„Јутјубери“ и „твитерџии“ имаат многукратно помногубројна публика од светските вообичаени медиуми.

Медиумите прават радикални експерименти за да откријат нова формула на пазарна одржливост.

Вештачката интелигенција (ВИ) најавува време во кое новинарот е, едноставно, непотребен во „амалскиот дел“ на продуцирањето на веста.

Дали е ова најава за нови поместувања на веќе драматично растресениот новинарски пазар на труд? Дефинитивно, да. Но, на овој тренд треба спартански да му се погледне право в очи. ВИ, дефинитивно, ќе ги изеде работните места во традиционалните новинарски канцеларии. Но, јазикот што го зборуваат компјутерите е јазик на податоците. Тој не познава клиентелистички влијанија и како таков има моќ да ја врати на сцена кредибилноста на информацијата. Во исто време, токму подемот на ВИ во сферата на новинарството ќе ја редефинира функцијата (а не работните места) на новинарите на иднината во синџирот на менаџирањето на информацијата.

Новиот контекст во кој новото новинарство треба да се роди е слоевит и непредвидлив.

Таков го прават трендот на технолошкиот развој (развој на новите начини на создавање, дистрибуција и на примање на информацијата), социолошкиот контекст (публиката и општеството) и економскиот контекст (моделите на пазарната одржливост на медиумите).

Графиконите на овие страници го илустрираат пејзажот во кој се наоѓа новинарството денес. Низ бројките од светот го препознаваме контекстот што може да се види и во нашите околности, а, дополнително, ги навестува трендовите што се веќе реалност во најголемите светски медиуми. Во екосистемот што катадневно се менува има повеќе од „300“ храбри параметри. Овде укажуваме на само дел од суштинските трендови за медиумската реалност во моментов.

КАКО JA КОНСУМИРАШ ИНФОРМАЦИЈАТА?
Американскиот истражувачки центар PEW ги праша Американците дали преферираат да ги гледаат, читаат или да ги слушаат вестите.

ГЕНЕРАЦИСКИ ЈАЗ

Помлад корисник на информацијата – подраматично оттргнување од традиционалните медиумски производи. Во зависност од возраста, публиката има преферирани извори на консумирање информации.

NEW YORK  TIMES – ИЗВОРИ НА ПРИХОД, ВО МИЛИЈАРДИ

 

НАМАЛУВАЊЕ НА РАБОТНАТА СИЛА ВО НОВИНАРСТВОТО

Бројот на Американците, чијашто работа е да ја информираат јавноста е намален за 10 проценти во последните 10 години. Според Бирото за статистика на трудот во Америка, истиот тренд се очекува и во наредните 10 години.

NEWS BOTS
Евидентиран е подем на системи за создавање новинарски артикли базирани на вештачка интели-

генција.

Начелно, софтверите денес се способни од голема база податоци што се полни во моментот, да генерираат вести, статии и инфографикони. Овој систем веќе го применуваат големите медиумски куќи, најчесто во доменот на спортот, но се користени и за да ги следат динамичните промени на денот на изборите во Америка.

WIBBITZ

Платформа што со користење на вештачката интелигенција (ВИ), со помош на софтвер форматот на веста за печат ја претвора во сценарио за телевизиска вест. Потоа, врз основа на сценариото, ВИ ги избира фотографиите и видеата, ги спојува и дури и создава и чита нарација со синтетизиран глас за да продуцира видеовест погодна за емитување на ТВ или на интернет.

AUTOMATED INSIGHTS

Wordsmith, ги претвора податоците од спортски натпревари или статистичките податоци од големи бази на податоци, на пример, во текст за кој тешко би се посомневале дека не го напишал човек. Еве пример на текст генериран од два статистички податока и генералии на фирмата. Во вторникот, компанијата „Епл“ објави добивка од 18,02 милијарди долари за првиот квартал. Од „Купертино“, компанија со седиште во Калифорнија, велат дека секоја акција има просечен профит од 3.063 американски долари. Резултатите ги надминаа очекувањата на „Волстрит“.

NEWS TRACER

„Ројтерс“ користи алгоритам што може да го процени интегритетот на текстот на „Твитер“. Технологијата зад оваа платформа ги оценува информациите на „Твитер“ во зависност од „кредибилноста“ на изворот од кој доаѓаат и го проценува „квалитетот на веста“ пред да го земе како соодветен.

„Бета-групата“ на New York Times е поделена во тимови. Секој тим или група, во кој учествуваат новинари, програмери, дизајнери добива своја конференциска соба во која се развиваат апликациите, блоговите или други развојно ориентирани производи.

PewDiePie е интернет-алтерего на Швеѓанецот Феликс Арвид, ѕвезда на „Јутјуб“, кој ужива неверојатна популарност. Неговата публика по број ја надминува публиката на „Хулу“, „Епл мјузик“ и на „Њујорк тајмс“ заедно. Повеќе од 54 милиони обожаватели го следат поради тоа што во своите видеа успева да ги вгради елементите поради кои луѓето се на „Јутјуб“ или на интернет, генерално – глупирањето, цврста и најчесто непријатна автентичност и безизразно подбивање, исмејување дузина субјекти, култури, личности.

ФАБРИКА ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ

Публиката е таа што денес ги уредува вестите. Таа има комфор да ги избира информациите, па дури и изворите на информацијата во согласност со сопствените политички, културолошки или други предрасуди. Дополнително, овозможено од технологијата, има луксуз да ги создава и дистрибуира во согласност со споменатите критериуми. Нашите момци од Велес станаа светски ѕвезди преку идејата со која нивните лажни вести влијаеја на изборите во Америка. Во Америка…

Во овој контекст, јасна е и пораката на Сем Лесин, поранешен потпретседател на „Фејсбук“: „Мора да си радикален за да оствариш удел на пазарот. Разумноста не носи поени. Со други зборови, бизнис-моделот што денес ги одржува медиумите, од модел што создава согласување се претворил во модел што создава несогласување, систем  што пумпа конфликт место да го издишува“.

Кој ги пишува стандардите за новиот пазар на продукција и на дистрибуција на информацијата?

Токму клиентелизмот, или таа потреба ѕверот (медиумот) постојано да биде физички сит, е главниот феномен што ги поткопа темелите на новинарството. Прво медиумите со најголема гледаност (моќ) во општествата беа ставени на платен список на владите. Но денес, и другите ентитети создаваат нови клиентелистички спреги. Економските оператори сфатија дека ѕвездите на „Твитер“, „Јутјуб“ или на „Фејсбук“ се медиуми сами по себе и дека до својата цел можат најлесно и најевтино да стигнат токму преку нив. Можеби се прашувате кој или што го регулира и кој ги пишува стандардите за тој нов пазар на продукција и на дистрибуција на информацијата?!

Клиентелизмот не е поврзан само со бизнисот и со актуелните влади. Дали фондовите наменети за „развој на медиумите“ се користат за таа намена? Дали и вие (не) гледате дека има позитивни поместувања во однос на новинарските стандарди? Затоа што, просто пренесување информација од агол спротивен на позиционерскиот не го прави новинарството подобро.

Таквото новинарство има иста насока, пропагандистичка, само правецот ѝ е обратен.

(Авторот е проект координатор на проектот „Медиумски круг“ и дел од тимот на „Холистик“. Текстот е објавен во актуелното издание на списанието „Лице в лице“)

Comments

comments

WordPress Image Lightbox Plugin