„Дневник беше љубов на прв поглед“ – Од горда револуција до најобичен памфлет
Countries Macedonia MoM
0 697
Autor: Fairpress
Текстот е објавен на интернет страницата: www.mkd.mk
14 јуни, 2017

По 21 година излегување, од вчера дневниот весник „Дневник“ веќе не се печати. Реакциите на новинарите и читателите за уште едно „убиство“ на медиум најдобро ги илустрираат подемот и падот на весникот, од лидер во слободоумното и либерално и бескомпромисно новинарство, до претворањето во еден обичен пропагандистички билтен. Еве дел од тие реакции.

Боби Христов

Ова е уште еден тажен ден за македонското новинарство. Моето име го има во првиот број на Дневник. Но многу одамна Дневник престана да биде оној „наш“ револуционерен подвиг.

Се сеќавам како на Јане Миљоски му предавав писмо од уредништвото на седница на Собрание да не ни ги апсат колпортерите. На првите кафиња во собранискиот ресторант со колеги од тогашниот гигант НИП Нова Македонија, од кои дел не прифаќаа, дел ни се потсмеваа…

Но падот на Дневник не почна кога стана огласна табла на претходната Влада. Падот на Дневник почна кога, сега големи перјаници на промените, почнаа да ги газат своите чеда…

Не ги потценувам колегите што до крај се бореа за својата егзистенција. Но мојот наклон е кон првата генерација на Дневник – Љупчо Зиков, Катерина Спасовска, Гордана Ицевска, Роберт Атанасовски, Роберт Митевски, Стојанка Митреска и сите останати кои не можам да ги тагнам, вклучително и мојата маленкост ( за жал дел се и починати).

А од основачката група мојата почит за Александар Дамовски и Миле Јовановски, за Владо Богоев, не знам каков беше уделот на Злате Лозановски и Мишел од спортска…

Сурово е, ама за оние што слугуваа на власт, а не на професијата – немам емпатија!!! За останатите – верувам ќе го најдете своето место што го заслужувате!!!

Гордана Ицевска

Дневник не беше весник, туку историја, а за една група на луѓе начин на живот. Првиот број на весникот излезе во март 1996. Јас бев Дневник од јануари 1996 од 8 сабајле, до 8 вечер и ич не ми беше тешко, ни мене, ни на колегите. Кога одевме на терен, најчесто нè прашуваа – Дневник? Што е тоа? По петте денари на Миле и со страници кои тежеа од факти и професионално спакувани текстови и фотографии сите знаеја дека Дневник е гласот на народот, дежурен дишач во вратот на власта, и весник кој придонесува да се промени светот во кој живееме. Работевме за малце пари со многу љубов. Тие што не беа навистина новинари заминуваа за кусо време… Сопствениците не правеа компромиси ни со факти, ни со неработници.

Сашо Кокаланов

Тоа беше љубов на прв поглед. Иако грд на изглед, црно-бел, скромен по број на страници, сместен меѓу старите колорни дами од НИП-от, добро нашминкани и облечени во многу поскапо руво, „Дневник“ ме освои уште при првата наша средба на трафика. Тој 20 март, таа 1996 година, се највозбудливиот читателски момент во мојот живот. Неповторлив.

Како тогашен бруцош-студент по новинарство, на 20 март 1996 студирањето на оваа проклета професија доби смисла и за мене и за повеќемина од мојата генерација. Бев решен – еден ден ќе работам во „Дневник“. Или ќе бидам дел од таа редакција или ќе си ја скинам дипломата и ќе продавам семки на стадион – со оваа мисла се вратив дома од трафика.

Миодраг Мишолиќ

Затворањето на Дневник и на Теа модерна не можам да не го прокоментирам, макар со неколку реченици. Во тие две редакции ги поминав моите најзначајни новинарски години, таму научив најмногу и постигнав најмногу. Во Дневник дојдов во јануари 1997, десет месеци по почетокот, а два пред славните пет денари. На шега велев дека не придонесов многу во тие два месеци, ама му донесов среќа на весникот. Мојот вистински придонес дојде по една година, кога почнавме со прилогот Антена, на кој веќе по вториот број еден од главните луѓе во весникот (иницијали В.Б. : )) ми рече: „тебе те планирам за уредник на Антена“. Тоа го работев до ноември 2001, со екипа што ја обожавав. Одев во редакција со големо задоволство секој ден. Но, поради моето чувство дека нештата во весникот почнуваат да се менуваат во негативна насока (да, уште тогаш) заминав во Теа модерна, каде поминав седум, исто така фантастични години. Од 2004. до 2008., како главен уредник. Без лажна скромност велам дека тоа беше златниот период на списанието. Заминав во април 2008., практично од истата причина како од Дневник – почувствував дека некој престанал да се грижи за весникот како дотогаш. Јас ја градев Теа модерна (плус Тин шема, која беше мој проект), и не сакав да учествувам во нејзиното разградување. Затоа, за ова што се случи сега ќе кажам само едно: ако сакате весниците (медиумите) да не пропаѓаат, не ги продавајте. Тврдам дека да останеше старата сопственичко-уредничка структура, немаше да дојде до ова. Ќе беше тешко, ќе имаше проблеми, времињата се променети, но затворање – во никој случај. Но, некои сакаа пари веднаш, иако и дотогаш заработуваа одлично. Денес е доцна за жалење и каење, но големата празнина останува, и покрај тоа што не може да се рече дека веста е големо изненадување. Со гаснењето на Дневник и на Теа модерна останува голема празнина кај многу луѓе, вклучувајќи ме и мене. Деведесет проценти од тоа што го знам како новинар го научив таму.

Зоран Бојаровски

Згаснувањето на весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ е само логичен исход на систематски организираната акција за окупација и преземање на еден поголем број медиуми како прв чекор на масивната операција „заробено општество“ која започна во 2007 година.

Уште еден значаен процес на таа операција беше девастирањето на медиумскиот слободен пазар кој заврши тогаш кога владата на Груевски беше најголемиот рекламер во медиумите (со народни, наши пари).

Сега кога на најбогатата политичка партија во Европа и се затворија неисцрпните извори на народни пари, а од „своите“ не сака да одделува (ќе им требаат за адвокати), дојде времето да згаснат медиумите кои беа составен дел од медиумската демократска пролет во Република Македонија.

Треба да бидеме реални и да кажеме дека дел од вината за оваа ситуација им останува и на некол-

кумина главни уредници и директори, прислужници на власта, кои зедоа на душа стотина врвни новинарски и медиумски професионалци.

Заслугата за оваа медиумска смртоносна хроника (која не завршува тука), јасно оди на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што во последните 4-5 години имав сериозни разлики со концептот на „Дневник“, за мене ова е тажен ден за слободата на медиумите и за слободата на изразувањето.

„Дневник“ беше и остана мојата прва новинарска љубов. И покрај сите неверства што си ги приредивме еден на друг.

Александар Марјановиќ

Згаснувањето на сите субјекти кои беа на државна града е нешто што се очекуваше. Нејасно е само како овие ги искористија тие силни пари за да се подготват за живот и после ВМРО. Жалосно е што Дневник (претходно) беше еден од најдобрите приватни, независни дневни весници…

Џељо Хоџиќ

Духот на Дневник одамна беше убиен. Сега само констатираа смрт на еден режимски пропаганден билтен, кој исто се вика Дневник, ама никаква допирна точка немаше со вистинскиот. Првиот Дневник веќе со години ни фали. Вториот Дневник никогаш да не случи повторно!

Марјан Блажевски

Весникот може да го затворат ама ДУХОТ на Дневник никогаш не може да умре. Тој е сочинет од слободата и љубопитноста, а без нив сите сме мртви.

Марија Тасев

Драги пријатели! Не сакам да плачам, но сакам да споделам. Денес згасна мојата прва и единствена работна љубов Дневник. Во него пораснав, созреав, се вљубив, создадов семејство… Навистина ми е многу жал, ги сакам сите мои колешки и колеги, а благодарам на сите мои соговорници, голем дел од нив денес се мои пријатели. Благодарна сум на можноста што преку Дневник станав европски новинар и се трудев да не го менувам овој микросвет со мојата работа.

Роберт Атанасовски

Во Дневник бев од првиот број на 20 март 1996, на вториот број насловната од весникот беше моја. Поминав 8 години таму, кои беа за мене најинспиративните години од македонското новинарство. До 2004 работев таму и го купував навечер секој број со возбуда како да отворам поклон за роденден. Толку беше добро. Си отидов во Време поради недоразбирање со главниот уредник. Време беше добар весник, ама никогаш не беше Дневник. Потоа отидов во Нова Македонија, од таму ме избркаа као технолошки вишок. Пак се вратив во Време, кое го затворија 2010 буквално пред мои очи. Реков дека повеќе во весници нема да работам. Ама секогаш потајно се надевав дека ќе се вратам во Дневник, во некои подобри времиња. До денес. Му ебаа матер на весникот и на луѓето внатре. Го иссилуваа и го фрлија како крпа, Дневник, кој секогаш имал слободарска и либерална мисла, кој жареше и палеше во македонското новинарство стана најобичен памфлет… Ете, и за таков, пак ми е жал дека го затворија.

Христо Ивановски

Пиеме по чаша кока кола во пластични чашки во простор што уште лебди душата на Дневник, но физички ќе го нема зашто пред неколку минути така било соопштено -отишол во процес на ликвидација. Кога ќе се завртам назад до 1998 година кога дојдов во Дневник можам да видам патека на подеми и падови, како и се во животот. Многу лекции се учат, но едно е сигурно – по инерција не се опстанува. Мора да има борба, да се инвестира во знаење и во техника, да се гради, а не да се урива. Ќе бидам среќен ако еден ден Дневник или некој друг весник го формираат новинари, и ако само новинари бидат сопственици. За жал премногу структури и индивидуи сакаа Дневник да умре и го умреа. Се гушкаме, некои плачат, што е нормално за луѓе кои со години професионално го туркаа новинарскиот камен. Другите ги нема, или ги снема. Здравје! Ќе дојдат подобри денови, а можеби и некоја влада ќе се сети да субвенционира весникарство.

Сашо Спасовски

Поразен сум. Весникот во кој го имав првото работно место, весникот во кој во 1996 година почна мојата кариера во медиумите, ја напушта сцената.

Жалам за „Дневник“! Тагувам исто како кога ми починуваа блиски луѓе.

Александра Филиповска

Дневник официјално денес згаснува… од утре веќе е историја… за некој убава за некој лоша…за новинарите кои од прв ден се таму еден многу убав спомен….за оние кои останаа доследни на себе од 2011 наваму тешка агонија… Јас сум горда на моите колеги со кои заедно се надевавме дека тој бренд ништо не може да го сруши и еден ден во името на старите добро времиња тој пак ќе биде добриот стар Дневник и цената нормално прескапо ја плативме…

Им благодарам на сите соработници кои до последен ден во името на минатата соработка продолжија да соработуваат со нас… На сите колеги им посакувам успех понатаму и се надевам дека еден ден пак заедно ќе градиме успешен бренд како што најдобро знаеме…

Бобан Авалон Милошески

Од септември ќе се затворат 90% медиумите во МКД.

Од тие 3 што преостанаа. Порталите… тие колку што знам законски и не се медиуми!?

Веројатно ќе бидеме единствена земја во Европа без неделен магазин од типот Теа. Септември е месец за пресек… кој оди даље, продужуе… кого го снемуе…во сè.

Ќе останат турбофолк телевизиите се разбира. Да бидат „објективни“ и да трујат до смрт. А… да… реално… се разбира весниците се затворија. Новинарите скроз го изгубија својот интегритет. Од сите сфери и фели. Станаа небитни. Сами се бореа за тој легачки статус 27 години и се изборија на крај. Жал ми е што како луѓе не се изборија прво да не ги прегази времето.

Comments

comments

WordPress Image Lightbox Plugin